Tuesday, March 29, 2016

Оспорување на 4от конкурс за 2015 г. спроведен според законот за поддршка на домашната музичка продукција

Борбата за создавање на поправично, поорганизирано а со тоа и попродуктивно општество продолжува. Обврска да го крене својот глас против неправедноста, глупоста, неодговорноста, непрофесионалноста, конформизмот, опортунизмот... има секој од нас.
Во конкретниот случај јас сум лично инволвиран и веќе втора година водам битка со Јавното претпријатие МРТВ. Се работи за спроведување на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, чие спроведување е дадено во надлежност на МРТВ.
МРТВ распишува квартални конкурси на кои се одлучува на кои композиции да им биде доделена субвенција.
На 25.03.2016 МРТВ на својата интернет страница истакна документи, во едниот се наведени композициите кои добиваат поддршка: http://mrt.com.mk/node/30999
другиот ги содржи одбиените композиции: http://mrt.com.mk/node/30998
Прво што паѓа в очи е доцнењето со решавањето по конкурсот. Тој беше затворен на 31.12.2016; на 12.01.2016 веќе беше составена комисијата за одлучување (ова го знам од прва рака затоа што на тој датум и мене ми се јавија од МРТВ со предлог да учествувам во работата на комисијата; предлог што јас го одбив). Во документите дадени на интернет МРТВ ја наведува целата сага со одлучувањето по конкурсот; наведено е дека Комисијата го поднела првиот Извештај со бр. 02-167/5 до Директорот на МРТ на 26.01.2016, потоа продолжила размена на дописи, во што беше вклучено и Министерството за култура. Последниот извештај со број 02-167/14, со приложената документација Комисијата го поднела на 11.03.2016 година, па како одговор Директорот на ЈРП МРТ Скопје на 25.03.2016 ги донесе одлуките кои ги спомнав претходно.
Сите овие рокови ги надминуваат роковите дадени во Законот:

·         Според параграф  2 од Членот 16 од Законот Комисијата требало да одлучи по конкурсот во рок од 24 часа сметано од часот на започнувањето на постапката за одлучување по конкурсот, а Комисијата го доставила првиот извештај на 26.01.2016, 14 дена после почетокот со работа.
·         Според Членот 20 од Законот Директорот на МРТВ требаше да донесе конечните одлуки во рок од 3 дена по добивањето на предлог извештајот на комисијата, но од 11.03.2016 до 25.03.2016 има 14 дена, односно законскиот рок е пречекорен за 11 дена.

Противзаконско е и самата конечна одлука за избор на изведувачи односно на нови композиции. Законот наведува дека во четвртиот квартален конкурс треба да се одобри поддршка на 13 детски композиции (Член 17, став 7) и 33 композиции во останатите категории, без категоријата „Ѕвезди„ (Член 17 став 4); Во одлуката за поддршка се наведени само 7 детски композиции (наместо 13) и само 13 композиции во останатите категории, без категоријата „Ѕвезди„ (наместо 33).

Во текстот на одлука за избор на изведувачи односно на нови композиции е спомнато дека Директорот на МРТВ  се обрати до Министерството за култура и побара мислење за правилната примена на Законот. Постапка што е погрешно насочена затоа што на Министерството за култура му е дадена законска обврска да врши надзор над спроведување на Законот (Член 24), но не и негово толкување. Истото е кажано и во овој документ: 


Толкување на закон може да направи само органот што го донел, а тоа е Собранието на Р. Македонија.
Имајќи го сето погоре наведено предвид и чувствувајќи се оштетен од постапувањето на Комисијата и Директорот на МРТВ  им предлагам на сите останати кои учествувале во конкурсот и се чувствуваат исто како мене, заеднички да спроведеме збир на активности со кои ќе побараме да се дадат во јавност сите релевантни документи и да се преиспита постапувањето по конкурсот.

Располагаме со следните инструменти:
1.    Користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер да ги побараме од службено лице Марјан Анчевски, наведено на сајтот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер (http://komspi.mk/?p=1899) копии од сите документи споменати во одлука за избор на изведувачи односно на нови композиции:
v  Извештај со бр. 02-167/5 од 26.01.2016 година
v  Известување број 02-167/9 од 04.02.2016 година
v  Допис број 02-167/10 од 08.02.2016 година
v  Допис број 02-167/8 од 04.02.2016 година
v  Дополнително барање мислење број 02-167/11 од 15.02.2016 година
v  Допис - Мислење број 58-2575/2 од 03.03.2016 година
v  Извештај од Комисијата број 02-167/14 од 11.03.2016 година, како и приложената со него документација (Бодовникот кој го составила и според кој се раководела комисијата (Член 17 став 3))

2.    Користејќи го Законот за управна постапка да покренеме постапка за проверување на законитоста во постапувањето по конкурсот.
3.  Од причина што на Министерството за култура му е дадена законска обврска да врши надзор над спроведување на Законот (наведено во член 24) - обраќање до Министерството со барање за проверка на законитоста во постапувањето

И двете постапки можам да ги покренам и самиот, но имајќи го негативното искуството на контактирање со МРТВ при што моето претходно барање беше игнорирано, барам поддршка од сите што се сметаат себеси за оштетени од постапувањето по овој конкурс, за да постигнеме масовност.
Ве молам да го испратите текстов до секој засегнат.
Контакт преку ФБ групата: https://www.facebook.com/groups/1163049420411749/