Живееме во општество на изразени контрасти и
сензационализми, во кое сѐ се случува кампањски, експлозивно и емотивно.
Интересни ми се луѓето кои се нарекуваат себеси новинари,
а кои како по команда започнуваат да пишуваат за определена општествена појава,
носат заклучоци брзоплето, без студиозно истражување, размислување и
консултации, а потоа, повторно како по команда престануваат да пишуваат на таа
тема.
Денес актуелни се резултатите од два квартални конкурса
спроведени според Законот за поддршка на домашната музичка продукција кои ги
истакна на својот сајт МРТВ, па, новинарите како во договор и како по команда
пишуваат еднолични површни текстови во кои оркестрирано се напаѓа конкретниот
закон, комисиите или изведувачите што добиле поддршка.
Не кажувам дека не треба да се пишува на оваа тема.
Самиот, веќе неколку години, ја побудувам критичката јавност да увиди дека има
проблеми, неправилности, па дури и незаконски постапувања од страна апликанти
(изведувачи и продуценти) и членови на комисиите.
Голем дел од проблемите и можностите за злоупотреба ги
продуцира лошо конципираниот текст на Законот, кој и покрај многуте обиди така
и не стигна да добие измена со која ќе се елиминираа проблемите.
На сајтот на МРТВ постои Предлог за изменување и
дополнување на Законот датиран со февруари 2015, но тој така и не стигна до
собраниска расправа:
Сега слушам дека Министерството за култура размислува да
го укине Законот заради тоа што истиот „не придонел за зголемување на
квалитетот, ниту пак донесе до напредок и развој на музичката продукција и
индустрија“ „Повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа
слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на
македонските радија и телевизии“ пишува во експликацијата на Министерството до
Владата.
Да, навистина голем дел од композициите кои добија
поддршка не стигнаа до јавноста, некои изведувачи и нивните продукции не се ни
помачиле да ги однесат видеозаписите по медиуми, туку ги донеле само во
архивата на МРТВ за да се отчитаат за добиените пари; претпоставувам дека
намерата на таквите продуцентски тимови и изведувачи била само да извадат што
повеќе пари од предвидените за поддршка. Некои од аудио и видеозаписите имаа
ниска, или немаа никаква естетика, но тоа што таквите композиции добија поддршка
е последица на одредбите на Законот. Но, не се согласувам дека Законот треба да
се укине. Тоа е лесно но непродуктивно решение.
Ако се прочитаат формулациите во првичниот предлог за
носење на Законот, ќе се види дека тој бил донесен поради тоа што (донесувам
извадоци):
„Социолошко-општествените појави и влијанија на времето
во кое живееме, во последната деценија, доведоа до евидентен пад на
продукцијата на македонската популарна, забавна и народна песна. Сѐ уште се
соочуваме со експанзија на социолошкиот феномен „турбо-фолк култура“, кој
доведе до искривена перцепција за тоа што се вистински вредности во уметноста и
културата.“
„Со овие мерки ќе се втемели статусот на творецот, но и
на репродуктивниот уметник во македонското општество.“
„Целта на предложениот Закон е Стимулирање на
македонската забавна и народна продукција и Достапност до културните вредности
создавани и изведувани од автори и изведувачи од Република Македонија.“
тогаш може да се заклучи дека причините за постоење
на Законот сѐ уште постојат:
- Не постои самоодржлива македонска музичка индустрија, која ќе биде отпорна на надворешни влијанија;
- Постои премала продукција на музика;
- Поради нискиот економски стандард музичките уметници не можат да си дозволат да и се посветат на музиката професионално (ова посебно се однесува на уметниците кои создаваат авторски дела);
- Помеѓу консументите на музика владее перцепција дека домашната музика не заслужува да биде слушана и купувана;
- Продажбата на носители на звук е минорна;
- Музичките фестивали се присвоени од лукративни кланови;
- ...
Затоа на Министерството за Култура му предлагам наместо
закон за укинување на Законот, да осмисли закон за измена на Законот, со кој ќе
се отстранат можностите за злоупотреба, а ќе се создадат подобри механизми за
поддршка на домашната квалитетна продукција. А на новинарите кои сакаат да и
помогнат на домашната музика им предлагам да се посветат потемелно и да
истражуваат:
- Ако веќе се нафаќаат да го критикуваат постапувањето според Законот, тогаш прво да го најдат, да го прочитаат и да ги разберат неговите одредби, а не да ја дезинформираат јавноста со информации и бројки извадени од ракав;
- Да направат статистички збирни податоци за тоа кои изведувачи, кои автори и кои продукции добивале, а кои не добивале поддршка на досега спроведените конкурси; со што ќе дојдат до информации за тоа кои изведувачи и продукции ги имаат узурпирано конкурсите, па добиваат енормни суми на штета на други автори, изведувачи и продукции за кои поддршката останува недостапна.(Податоците се општодостапни на сајтот на МРТВ);
- Да истражат кои од субвенционираните видеозаписи се дадени во етер, а кои не се дадени, и од кои причини;
- Да откријат кои лажни податоци и лажни исправи се користени за да се аплицира по конкурсите спроведени според Законот (Сета документација од спроведените конкурси е достапна со нејзино барање преку Законот за слободен достап до информации од јавен карактер)
- Треба да се работи повеќе, пред да се пишува, друга'ри!
На новинарите им стојам на располагање за дополнителни
информации на темата, а на Министерството со предлози за измени на Законот.
Константин Карев, неколкукратен член и претседател на
комисијата која одлучуваше по конкурсите.
No comments:
Post a Comment